• Република Македонија

    Република Македонија со главниот град Скопје е вкотвена во централниот дел на Балканскиот Полуостров и има Значајна географска местоположба, што е условена од природните погодности на долините и котлините низ кои водат важни комуникации, како и од релативно малата оддалеченост од Егејското и Јадранското Море. Преку Македонија по должината на Вардарската Долина се протега најкратката надолжна линија меѓу Средна Европа и Средоземното Море т.е. Блискиот Исток.

    Од 1991 година, кога ја стекна својата независност, Република Македонија минува низ многу радикални промени на политички, општествен и економски план, со една единствена цел - нејзина брза и ефикасна интеграција меѓу високоразвиените демократски земји од светот. Македонија денес е рамноправен субјект во мегународната заедница, членка на Обединетите нации, на Партнерството за мир и сериозен кандидат за членство во Европската Унија и НАТО, како и членка на многу значајни меѓународни асоцијации и организации.
    Исто така, во последниве неколку години, во Македонија е започнат процесот на инвестирање на странски капитал, што е основен предуслов интеграција во рамките на светската економија.

     

  • Струмица

    Градот Струмица се наоѓа во југоисточниот дел на Македонија и со неговата популација од околу 100 000 жители, е најголемиот економски и културен центар во тој регион. Со стара историја и богата култура и традиција, Струмица е град што има што да понуди.

    Струмица ужива умерена медитеранска клима која е карактеристична и за целата струмичка долина. Топлите и суви лета и студените и влажни зими резултираат со температури кои можат да достигнат и до 40 степени Целзиусови во лето но и да паднат до -20 степени Целзиусови во зима. Средната годишна температура е околу 10 степени Целзиусови. Погодната клима и квалитетната почва го преставуваат најголемиот економски потенцијал во струмичкиот регион.